МОНИТОРИНГ: ОПШТИНИТЕ И БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА

НВО Инфоцентарот, со партнерските организации Организација на жени од Струмица, Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијата на жени од Свети Николе, Активо од Велес и Центарот на заедницата на Општина Сруга, во периодот октомври – ноември 2023 година,  спроведе мониторинг на мерките и активностите што ги преземаат општините за решавање на проблемот со бездомните кучиња и нивниот хуман третман.
Мониторингот опфати осум општини: Куманово, Велес, Струмица, Струга, Крива Паланка, Свети Николе, Лозово и Чашка, во периодот 2020 – 2023 година.
Бездомните кучиња се горлив проблем со кој општините се соочуваат и мора да се справуваат секојдневно. Очигледна е итната потреба од системско решение, кое се уште не е на повидок, ниту на локално, ниту на национално ниво.
Општините немаат доволно капацитети и финансии ефикасно да го решаваат проблемот. Поголемиот дел немаат ниту стационар односно прифатилиште, ниту регистар на бездомните кучиња. Регионалните прифатилишта, каков што се планира во Вардарскиот плански регион, се можно ефикасно решение за стационирање и соодветен третман на бездомните кучиња.
Заловувањето, чипирањето и третманот на кучињата во општините, во моментов, го спроведуваат оператори избрани на јавен повик, кои постојано ја зголемуваат цената на услугите што ги нудат. Општините треба да воспостават и применуваат ефикасни и функционални механизми за отчетност на операторите, но и механизми за контрола на нивната работа и постигнатите резултати.
Бројот на бездомни кучиња во општините  се зголемува, но се зголемува и бројот на каснати граѓани кои бараат отштета од надлежните институции (општините, јавните претпријатија, операторите). Некои општини издвојуваат десетици илјади евра за судски трошоци и отштети. Наместо да се занимаваат со последиците, локалните власти мора поактивно и поангажирано да ги користат општинските пари и капацитети за решавање на постојниот проблем, но и за превенција.
Потребни се ефикасни и хумани мерки за контрола на популацијата на бездомни кучиња, кои ќе овозможат здравствена заштита и безбедност како за населението, така и за животните. Општините треба да вложуваат во постојани информативно-едукативни активности за подигнување на свеста кај граѓаните за одговорно сопствеништво, за важноста на регистрацијата, стерилизацијата и вакцинацијата на домашните кучиња, за ненапуштање на милениците, како и за потребата од хуман третман и вдомување на уличните кучиња. За оваа цел, нужна е засилена соработка меѓу општините, стационарите, операторите и активистите за заштита на правата на животните.
Овој мониторинг е реализиран во рамки на проектот„Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.